Егзотична дестинација која е сон и предизвик за посета на сите со авантуристички дух. 

Овој бисер го носи името Доминиканска Република и се наоѓа западно од фамозното Пуерто Рико, источно од Јамајка и Фиделовата Куба. Доминиканската Република е поделена на 31 провинција, со главниот град Санто Доминго на јужниот брег, всушност првиот колонијален главен град во Америка.

Веќе со години е позната туристичка дестинација, со своите величествени плажи и гламурозни хотелски ресорти, кои се протегаат покрај долгометражните бели песочни плажи и кристално бистрата вода.

Главните сезони за туристите се од декември до февруари и многу популарната недела пред Велигден – тука нарачена “Семана Санта”. Просечната годишна температура е од 21 до 25 степени. Сепак, како едно совет, не е погодно да го посетите Доминиканскиот рај од јуни до септември, поради ураганите. За љубителите на водените спортови и активности, препорачливо е да отпатувате во периодот од февруари до декември. Ќе доживеете неверојатна возбуда нуркајќи во кристалната вода, прошарана со сите бои на виножитото, составено од морски свет. Имајте во предвид дека оваа дестинација е на листата на “топ” дестинации за нуркање, бидејќи имате можност да ги истражувате со векови старите, потонати пиратски бродови на северниот брег или да уживате во топлите и заштитени води на југот.

Токму на овој остров се наоѓа еден од главните голф терени со 19 курсеви и со неопислива глетка на океанот, додека го изведувате следниот удар, под закрила на масивните палми богати со кокос.

Што треба да видите и да пробате од овој карибиски остров, што засекогаш ќе се врежа во вашата меморија? Санто Доминго – најстариот град во Новиот Свет, каде што започнува населувањето на Американците. Тука може да отпатувате до првата катедрала, талкајќи низ камените улици, вдишувајќи ја шпанската колонијална архитектура, амислувајчи си сценарио од 1600-та година.  Нема да најдете друг град на Карибите со пошарена плејада од ресторани и бурен ноќен живот. Може да се запознаете со фамозните доминикански танци како: меренге, бахата и салса, а воедно може да слушнете дури и рок звуци до раните утрински часови.

Пунта Кана – се наоѓа на најисточната точка и е една од најпопуларните туристички дестинации, каде што мештаните во текот на целата година уживаат на долгометражните плажи. Тука се наоѓа и еден од најпрометните и најдобро конектираните аеродроми во регионот, низ кој поминуваат 2 милиони туристи годишно. Пунта Кана, најчесто е посетена од европјаните, кои уживаат во огромниот број на благодети кои ги нуди ова магично место, конкретно плажите: Кабо Енгано, Плаја Макао, Плаја Баваро, Хуанило итн.

Пуерто Плата – дестинација за оние со подлабок џеб, кои би си дозволиле да одвојат повеќе од својот буџет, бидејќи од тука имаат можност да ги посетат повеќето од атрактивните околни места. Интересни дестинации за тие кои сакаат да истражуваат се: Кофреси, Коста Дорада, Маимон и Луперон. А, во близина се и аквапарковите, за уживање во водените лудории, како: Колумбус и Океан парк.

Секако, да не ја заборавиме и фамозната Мамахуана – традиционален напиток, мешавина од разни видови на билки, корени и листови со рум, вино, мед и лимон, кои помага речиси за се (од стомачен вирус до импотенција). Доколку сте во можност да го поднесете вкусот, овој напиток се користи за одржување на добра здравствена состојба.

И за крај, како комплетно би се инфилтрирале во сцена од „Пиратите од Карибите”, ако не пробате од познатите доминикански пури?! Ова е земја позната по пурите. Тука се произведуваат брендовите: Монтекристо, Ла Аурора, Карбонел и Леон Хименес.

 

Save

Следете нè